Млад брачен пар од Тетово 9 години немал пород. Дошле во Охрид за викенд. На враќање, на 4 мај 2012 година, наспроти пештерската црква „Св. Катерина“, им застанала колата. Пали, но не мрда од местото. За наназад оди без грешка.
Младата дама се сетила. Ќе одат во пештерската црква „Св. Катерина“. Клучот е во црковнослужителката. Таа им го дава клучот зашто не може да оди со нив, бидејќи во моментот имало посетители во манастирот „Св. Еразмо“ од Русија дојдени со два автобуса.
Од стрмниот тесен пат најмногу се исплашил младичот, па се враќаат назад и ја молат црковнослужителката таа да ги поведе.
– Само што се подискачивме, младата дама почна силно да плаче, дури се одѕвиваше планината. Ја прашувам зошто плаче. Ми ја откри причината – 9 години се во брак, а немаат пород. Отидовме кај црквичката. И го давам клучот. Таа ја отвори црквичката. По разгледување на пештерската црква, палењето свеќи, молењето, им велам:
„Дојдете да се поклоните и во пештерската црква на св. Еразмо“, вели Веса.
По завршувањето на церемонијата во пештерската црква на св. Еразмо, Веса им препорачала да појдат во манастирот „Св. Горѓи“ во Рајчица таму да им отпее соодветна молитва светшенослужител. Отишле по два дена, на 6 мај (Ѓурѓовден). Молитва за пород им отпеал архимандритот Партениј. За истата мака биле уште 22 жени.
И сите 23 жени забремениле таа година.
Тетовчаните го добиле синот Кузман. Бидејќи патот до него водел преку пештерската црква на манастирот „Св. Еразмо“, тие секоја година доаѓаат на поклонение во „Св. Еразмо“ на неговиот патронен празник, 15 јуни, заедно со синот Кузман, носејќи соодветни подароци.