На 5 февруари 2015 година господинот Љупчо Китаноски, од Охрид, ни го раскажа следното.

– Дваесет години немав деца. Како работник/патар 10 години работев на одржување на двата пата близу до „Св. Еразмо“. Практично бев во непосредна близина на „Св. Еразмо“. Кога погледни во него, кога помини или застани крај него ми идат солзи, доживувам разни тежини. Често нешто подолго ме задржуваше крај „Св. Еразмо“, не ми се одделуваше од светото место.

Свети Еразмо го видов на сон како излегува од гроб и ми вели:

„Јас ќе ти помогнам. Ти си добар човек“.

Некое време потоа, на сон, одев по некој планински пат. Кога, на патот ми излезе ангелче. Во сонот, му велам:

„Ми те чекам години и години златно ангелче“ и почнав да пејам: „Алилуја, алилуја…“

По 16 години од бракот, поднесов документи до надлежниот орган за посвојување на дете, наведувајќи да биде женско. Нема никако молбата да се реши. Се лутам на службата, а всушност грешката била моја што не сум го барал ангелчето што ми излезе на пат. Поднесов ново барање за посвојување на дете, но сега тоа да биде машко, сфаќајќи ја Божјата порака.

Во време на Велигденскиот пост работев на патот наспроти пештерската црква „Св. Катерина“. Копав канал. Времето врнежливо. Целиот изводенет, а од мене тече пот и нешто ме влече кон манастирот „Св. Еразмо“. Дојдов и се молам:

“Е море златен Господе, дарувај ме пред Велигден.”

Таа молба повеќепати ја повторував. Имав страшна возбуда, чувствував дека нешто со мене се случува, не сум тој што сум. Дошле и другарите со коишто работев. Не ги познавав. Еден ми вели:

– Љупчо, што ти е? Што се случува со тебе?

– Не знам, ама чудно се чувствувам.

Дојдов дома. Не е тука сопругата. Ја прашувам мајка ми. Таа ми вели дека ја викнале во Социјално, дека дошол нашиот ред за дете. Новороденчето беше исто како ангелчето што го видов во сонот. Барам веднаш да го земам. Службата сака да тера се по ред, да причекам до законскиот термин, не ми го дадоа.

– Ова дете мора да биде кај мене до Велигден! – им велам.

Навистина пред Велигден го зедовме детето. Му дадовме име Христијан.

По пет години од земањето на Христијан, за Бадник зедов едно гранче. Обичај ни е бадниковото гранче да стои до следната година, до следниот Бадник, па го гориме старото гранче. Го редам старото гранче и велам:

– Господе, дади ми едно ќеркиче, Христијан да не е сам, да си има сестриче.

Набрзо жена ми забремени. Се чудиме како по 20 години во брак тоа да се случи. Оди на лекар. Ја потврдуваат бременоста. Како неверни томи ќе одиме жена ми да прави тест за проверка на бременоста. Со нас е и Христијан. Тој ми вели:

– Тато, имам сестриче.

Тестот ја потврди веќе четиримесечната бременост на жена ми.

Со молбите до св. Еразмо, Господ ми ја исполни и таа желба. Имам и ќеркичка, на која името Теодора и го даде Христиjан.

Двете деца ги сакам толку бидува. Мој миленик ми е Христијан. Отворено, бистро и музикално дете е Христијан. Оди на музичко училиште, свири виолина, а како песнопеец најмногу пее духовни песни.

Среќниот родител Љупчо Китаноски не можеше да се доискаже низ што минал, што доживеал, потенцирајќи дека св. Еразмо е чудотворец, дека со името на Господа, со сиромаштија, ама ќе се бори двете деца да ги изведе на правилен и добар пат.

Во знак на благодарност за родителската среќа, често може да се сретне Љупчи Китаноски како нешто средува, уредува, помага во „Св. Еразмо“. А кога еднаш некоја жена му рекла:

„Што си будала, што и помагаш на онаа што е платена за тоа“, и рекол:

– Јас не му помагам никому. Јас овде работам од почит кон свети Еразмо. Тој ми даде две златни ангелчиња.

Pin It on Pinterest