Двајца другари од Велес дошле на летување во Охрид. Кампувале во автокампот “Елешец”. Кога им завршил одморот, се подготвувале за враќање.
Во пресрет на денот за враќање, едниот велешанец ноќта, во сонот, како да се нашол со колата кај “Св. Еразмо”. Таму му излегла една жена во бело, како невеста, и му рекла:
– Вие се спремате за одење утре. Ти да не одиш веднаш по другар ти.
– Да тргнеш половина час по него.
Во сонот жената повторно му се јавила, велејќи му:
– Слушна што ти реков? Утре да не одиш веднаш по другар ти, туку половина час после него.
Човекот и го кажал сонот на жена му.
Штом ти рекла така жената во сонот, така да направиме! – му рекла таа.
Утрото, ѓоа бараат ова-она, тргнале навистина половина час по заминувањето на нивниот другар, кој кај “Св. Еразмо” имал тешка сообрајќајка, а тие благодарение на предупредувањето останале здрави и живи.
За ова добро, при секое доаѓање во Охрид, редовно го посетувале манастирот “Св. Еразмо”, кажувајќи како биле спасени од светецот.
Ова беше некаде околу случката со мене! – ни рече господинот Никола Тулески на 21 јуни 2016 година.