На 19. 2.2015 година Климе Нически ни го изнесе следното:
– Кога беше епитроп Димче Факирчето во “Св. Еразмо”, помалата сестра со роднини отишла да се помоли таму. Влегле во пештерската црква. Се прекрстиле, запалиле свеќи. Кога погледнале кон иконата, што ќе видат – двометражен смок свиткан како колач. Се исплашиле и со пиштење избегале.
Истрчал Фаќирчето:
– Што е, што бегате со викање? – ги прашал.
– Внатре има свиткан смок!
– Не плашете се! Тој е толосум, чувар, заштитник, св. Еразмо. Не напаѓа. Тој редовно доаѓа тука и си оди без никој да го види.
Епитропот, Фаќирчето, дури му постелувал черже за на него да лежи смокот.
Забелешка: Што е толосум? Суштината е кажана во текстот: чувар, заштитник, светец. Најчесто се јавува во вид на смок. Постои мислење меѓу народот дека кај секоја куќа има смок и тој не треба да се тепа. Толосумот се јавува и во вид на предмети, на пари и сл. Тој не се зема. Него ќе го најдел оној на кого му припаѓал.
Една средина со сигурност тврдеше дека в земи на една куќа има закопано злато. Домашните, иако знаеја за кажувањата, не се обидоа да го бараат, нигу на блиски им дозволија со современи средства да испитаат.
“И да има, можеби е толосум. Да било наше, ќе сме го најделе при правењето на куќава!”
– велеа, зашто, според народното верување, тој што ќе го земе или ќе го уништи толосумот, ќе доживее голема несреќа. Всушност, толосумот е ангел чувар на објектот, на куќата – светец. Затоа, во зависност од тоа каков е некој, се вели: таков му е толосумот, толосумот не/му дава.