Манастирот “Св. Еразмо” е единствен во Македонија. Тој се наоѓа на северозападната страна на брегот на Охридското Езеро, на најјужниот огранок Мазатар на Плаќенска Планина, втиснат во голема карпа на Габавски Рид. Од Коселска Река до манастирот месноста е позната како “Св. Еразмо”, а во катастарот се води во КО Долно Лакочереј под име Габавци, бидејќи тука порано имало мало село Габавци.
Во манастирот “Св. Еразмо” има две цркви посветени на Свети Еразмо.
Најстара, и чудотворна, е пештерската црква. Нејзиниот живопис е од XIII век, но доста е оштетен. Препознатлив е ликот на св. Еразмо, па св. Константин и св. Елена, св. Макрина; во горниот дел од полукалотата допојасно е св. Богородица со раширени раце, на чии гради во медалјон е малиот Исус Христос.
Поголем дел од живописот е од XVII век.
На околу четиринаесетина скалила под подот на пештерската црква е подот на црквата изградена во XIX век, во која се врши богослужба/се служи. Втората црква е просто залепена до пештерската црква. Толку успешно е вклопена што двете цркви се опфатени со една фасада и делуваат како една целина. Нејзиниот живопис е нов.
По асфалтниот пат се доаѓа до двете цркви низ ходник на новите конаци, кои располагаат и со придружни простории.
На 200 м од “С. Еразмо”, северозападно, е пештерската црква “Св. Екатерина”. За оваа црква може да прочитате повеќе на следниот линк.
Меѓу новиот и стариот пат, на манастирски имот, има оградена чешма, позната по лековитоста на нејзината вода.
Меѓутоа, при изградбата на новиот пат, тешката механизација го поремети нејзиниот тек, се изгуби нејзината жица, па тука сега има спроведено чешма од водоводот.
За одржување на манастирот, Митрополијата од Охрид поставува црковнослужител, која должност сега ја врши г-ѓа Веса Граждани.
Според поседновниот лист бр. 87 на КО Долно Лакочереј, манастирот “Св. Еразмо” има имот од 66,707 м2, поделен на три к.п. под ист број – 487. Таа имотна состојба била регистрирана во катастарот во 1937 година. Истата положба е констатирана и на крајот од 1956 година. Промени во имотната положба, официјално, во документацијата, не е променета до денес.
Меѓутоа, магистралниот пат Охрид – Кичево, пуштен во сообраќај во 1975 година, врви под самиот манастир преку неговиот имот. Тоа значи дека бесправно му е одземена на манастирот голема површина, па затоа се случувало што се случувало на патот.
Сега се води постапка за одземање на 1204 м2 од имотот на “Св. Еразмо” согласно Законот за експропријација (“Службен весник на РМ” бр. 95/12, 131/12 и 24/13) за магистралниот пат Охрид – Кичево.
Имотот и непосредната околина на манастирот “Св. Еразмо”, како што се сеќава г. Блаже Јованоски од село Подмолје, најмногу бил облагодарен за време на службувањето на свештенослужителот Алексо. Тогаш бил градина за пример на целата околина, во која биле засадени: јаболка, сливи (стенлеј, какви немало во околината), црешни, црници (муренки). Имало бадеми, а најмногу смокви. Лозјето било кон страната на Габавци.
Последен “жител” во “Св. Еразмо” била “баба Ката”. Таа немала никого бидејќи била доселеник, па и тука починала.
Духовните и световните лица што се грижеле за манастирот и неговиот имот во работата биле помагани од верници.
Од имотот на “Св. Еразмо” што и колку, практично останало, освен делот под манастирот до новиот пат, не се знае, бидејќи не е омеѓен. Тоа е неопходност за да дознаат соседите до каде е нивно.
Манастирот “Св. Еразмо” има прекрасна местоположба. Тој доминира над околината, како на дланка се гледа Охридското Езеро и сета негова околина.
Идеално место е “Св. Еразмо” за духовен живот, за медитација откај неговите три цркви, од терасите на новите конаци, во средениот негов двор. И на пошироката околина викана “Св. Размо” манастирот влијае со својот дух на смиреност, на релаксираност.
И со местоположбата на храмовите од тројцата охридски чудотворци се меѓусебно поврзани визуелно. Тројцата од нивните високи подигнати храмови бдеат и ги благословуваат сите жители од подрачјето, заштитувајќи ги со нивната присутност преку бројните нивни благодати.