За Светецот

divider

sveti-erazmo-ikonaМеѓу охридските чудотворци, свети Климент и свети Наум, почесно место му припаѓа на свети Еразмо. Свети Еразмо бил роден во Антиохија (Сирија). Точно кога бил роден не се знае, но живеел во времето на најсуровите противници на христијанството – царевите Диоклецијан (284-305) и Максимијан (286-305) т.е. пред официјалното признавање на христијанството од цар Константин (312).

Житијата на св. Еразмо не даваат податоци за неговите родители, зошто го избрал патот на страдалништвото и што било пресудно за млад да стане епископ не по негова волја.

Свети Еразмо бил млад, убав, од ангелски сој, со богат дух, “очите му биле како сончеви зраци”, со мирен и благ глас, но остар против неговите мачители, на нивната злоба и пркосел без никаков сомнеж во поддршката на Исус Христос.

Во градот Антиохија, Диоклецијан вршел нечујни прогони на христијаните. Плашејќи се да не не може да ги издржи измачувањата, за да не го посрами својот Бог Исус Христос, св. Еразмо 7 години се повлекол во пустината. Направил многу чуда на планината Либанон. Храна од небото му носел сокол (според некои автори: гавран).

lebanon mountain
Гавран на ланината Лебанон

Дивите ѕверови доаѓале во неговата пештера на поклон, зборувал со ангелите, но од небото слушнал глас:

“Еразмо, слези оттаму и појди во татковината”.

Слегувајќи од планината Либанон, на пат за Антиохија, патем излекувал многу немоќни и доста привлекол преку светото крстување.

Сознавајќи за присуството на св. Еразмо во градот, Диоклецијан наредил да му се доведе пред него. Пред Сенатот на Антиохија, Диоклецијан вршел големи притисоци на св. Еразмо да се откаже од Исуса Христа, да му се поклони на идолите, ветувајќи му земни благодети, богатство, но светецот не се поколебал ни по големите тепања, нарекувајќи го тиранинот: граблив волк, измамник на душите, син на ѓаволот.

macenjeto na sveti erazmo

Измачувањето на св. Еразмо – Извор: Википедија, слика на Nicolas Poussin – 1628

Не помогнало ни кинењето на месата на св. Еразмо со железни клешти, па бил потуран со растопена маса од катран, асфалт и восок, но ангел Господов го ладел маченикот. Свети Еразмо му викал:

“Цару, каде ти се казните…”

Гледајќи ја праведноста на маченикот, Сенатот на Антиохија побарал од Диоклецијан:

“Пушти го праведниот човек и епископ на градот, оти низ него дејствува христијанскиот Бог”.

Наеднаш се појавил земјотрес. Една третина од народот загинал. И таа несреќа Диоклецијан му ја препишал на св. Еразмо велејќи:

“Оној што го гледате ги клеветеше (нашите богови) и поради тоа се стори овој неред”

 

Свети Еразмо бил ставен во затвор со синџири на вратот и на нозете, а на слугите им било наредено да го држат под строг режим. Меѓутоа, преку молитва кон Исуса Христа и со негова помош, св. Еразмо како Христов гулаб бил земен од ангел, кој го однесол во местото Лукридон. Според второто, краткото, житие тоа бил Лихнид/Охрид, кој бил под власта на Максимилијан.

Во Охридското крајбрежје св. Еразмо работел десетина години (293-303). Го ширел христијанството, правејќи бројни чуда, давајќи вид на слепи, лекувајќи безнадежни случаи… Бил надарен од Бога со врвна благодат, дури да воскреснува и мртви.

Така, на првенецот Анастас му умрел синот. Пред да биде спуштен в гроб, св. Еразмо на таткото му- Анастас му рекол дека, ако верува во Господа Исуса Христа, може да му го воскресне синот. Не само тој, туку огромната присутна маса и други што сознале за воскреснувањето на мртовецот, биле масовно покрстени (според Опширното житие 40.000).

baptism lake

За мисионерската дејност на св. Еразмо бил наклеветен од паганскиот судија Проб на царот Максимијан, владетел на Западното Римско Царство, кој наредил веднаш да му се донесе светецот.

И од Максимијан бил наговоран св. Еразмо да се откаже од Господа Исуса Христа и да ги признае паганските богови, во спротивно ќе заврши како распнатиот во Ерусалим, велејќи му:

“Смилувај се на твојата душа, пофали ги и принеси им жртва на моите богови.”

На прашањето:

“На кои богови ми наредуваш да се поклонам?”,

Свети Еразмо во придружба на многу народ, бил одведен во храмот на Херакло, а во второто житие на Зевс. Се нашол светецот пред огромната статуа на паганскиот светец на Максимијан. Штом продорно св. Еразмо ја погледнал статуата, таа паднала, станала прав и пепел, а одвнатре излегол змеј. Исплашениот Максимијан побегнал, а св. Еразмо го скротил змејот.

 

izmacuvanje sv erazmo

Измачување на св. Еразмо – Извор Википедија – холандски сликар 1474 год.

Гледајќи ја оваа Божја моќ на св. Еразмо, од него биле покрстени 20.000 луѓе. Царот наредил св. Еразмо да биде уапсен, окован со 192 кг железни синџири и да се применат сите можни измачувања.
По наредба на царот била изработена бакарна облека и вжештена била ставена на св. Еразмо. Но, по милоста Божја, таа се оладила како снег и ни малку не било оштетено Еразмовото тело.
Наредил царот св. Еразмо да биде потурен со буре од 38 литри со зовриено олово, смола, катран и масло, но казанот се распрскал.

 

Испрсканиот цар молел:

“Горам Божји човеку, помоли се за мене”.

И него светецот го спасил. Гледајќи го ова, многу од народот поверувале во Христа. Тогаш дошол ангелот Михаил и му рекол:

“Еразмо, станувај! Гледај! Јас сум ангелот Михаил испратен кај тебе за да те одведам во Кампанија, во градот Формија за да му проповедаш на народот.”

Носен од ангелот Господов, св. Еразмо стасал во Драч. Таму го чекал брод (во некои осврти – кајче) и преку Јадранското Море дошол во Формија, близу Неапол.

Според Опширното житие, во Формија му била испратена храна од ангел. Проживеал 7 дена и слушнал глас:

“Еразмо, дојди и одмори се во светиот град… Преку тебе јас се прославив, и на небото, и на земјата.”

Пред да го прими св.Еразмо скапоцениот венец, побарал:

“Господе Исусе Христе, сине Божји, еднороден, нареди ми да се упокојам во местото што е место на Твојата пофалба. Дозволи ми, ако некој ме замоли во Твое име, да ја добие наградата своја од Тебе. А јас Еразмо нема да се одделам од ова место ни во сабота ни во недела.”

Од небото се чул глас:

“Храбро мој следбенику Еразмо, оти се што ќе ми се побара ќе дадам, дури и преку тоа ќе добие”

st erasmo fire on ship

Огнот на св. Еразмо – заштитник на бродовите, резба 1886

Во помалото житие, барањата на св. Еразмо од Господ Исус Христос и неговите ветувања се следни:

“Дај им на оние што се наоѓаат во опасност, на море, на реките и на било кое друго место да се спасат од опасноста. На оние, пак, што го чествуваат мојот спомен, подари им простување на гревовите и вечен живот и биди им во се помагач и добротел.”

Бидна глас од небото, кон него велејќи:

“Така ќе биде како што ќе ветам, а и повеќе ќе му се исполни на оној што Мене Ме обожува, Еразмо.”

Задоволен св. Еразмо влегол “во радоста на својот Господ” на 2 Јуни (стар стил) односно 15 јуни (нов стил) 303 година. Ете, затоа што св. Еразмо е во своите храмови, на секое место што треба кога му се приоѓа со крсниот знак, ете затоа св. Еразмо и денес прави свои чуда.

Свети Еразмо бил погребан на западната страна од градот Формија, на кое место подоцна била подигната катедралата “Свети Еразмо епископ и маченик“.

Sant Erasmo Cathedral
Катедралата на Св. Еразмо, Формија, Лацио, Италија

 

kambanarija na katedralata sv razmo gaeta

Камбанарија на катедралата “Св. Еразмо” во Гаета

При пустошењето на Формија од Сарацените во 846 година, моштите на св. Еразмо биле пренесени во Гаета во 917 година сместени во црквата “Света Марија”, од каде биле вратени во Формија по 30 години.

Поради ваквото шетање на светите мошти, меѓу овие два града (Формија и Гаета) има повеќе храмови посветени на св. Еразмо, во кои има негови свети мошти.

Јуржи Мариа Весели (зб. “Лихнид”, 6, 1988) пишува:

Во Формија на 2 јуни, на него му се доверувале сите “морски жртви” за време на една “процесија” од кајчиња и бродчиња, од приистаништето во Формија до пристаништето во Гаета, се фрлал во морето ловоров венец со возбудлива молитва за сите оние проголтани од брановите, кои требало да се задоволат само со едно анонимно погребување доверено и тоа на Еразмо.

 

divider

Тргнувајќи од Краткото житие, сета литература од словенско потекло свети Еразмо го враќа од Формија во Хермелеја/Охрид, каде што се повлекол во една пештера во која се подвизувал до смртта.

Дали сакал св. Еразмо да се врати во местото во коешто тој и неговите покрстени доживеале невидено зло од царот Максимијан и дали можел да се врати од исцпеноста не е важно. Најважно е што св. Еразмо до денес, и вечно, е во Охрид со неговото дело, на кое жив сведок е манастирот “Св. Еразмо” и во него пештерската црква “Св. Еразмо”.

Култот на св. Еразмо дошол до израз уште за време на неговиот земен живот, а набрзо потоа бил славен и одразен во подигнувањето на храмови во негова чест. Покрај двете цркви во манастирот “Св. Еразмо” и оние за коишто кажавме во Италија, има уште две во Охрид.

На локалитетот “Св. Еразмо” во 1974-1980 година се откри монументална трикоробна рано-христијанска базилика со: нартекст, атриум, помошни анекси и крстилница, со базен, со раскошни мозаици во димензии 54×25 м, посветена на св. Еразмо. Се претпоставува дека била подигната на предходно свето место. Штета што таа базилика не е конзервирана и научно презентирана.

sveti erazmo bazilika

На 11 март 2000 се постави и освети камен-темелник на болничката црква/параклис “Св.Еразмо” во дворот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија (Коснозглобна). Чинот на осветувањето на камен-темелникот го изврши надлежниот митрополит г. Тимотеј, кој на 16 март 2002 ја освети и црквата. Таа болничка црква, параклис, монографски ја обработи проф д-р Миле Д. Миќуновиќ под наслов “Болничка црква Свети Еразмо” (Охрид, 2002, 1-80, А4 формат)

bolnicka crkva sveti erazmo

Секаде каде што се почитува св. Еразмо е присутен и неговиот лик. Покрај пештерската црква, во Охрид од XIII век ликот на св. Еразмо е застапен во црквата “Св. Јован” – Канео, во неговите храмови посветени на него или на други светители. Се среќава во Протатонот на Света Гора (1526).

Поради популарноста, св. Еразмо е застапен и во некои композиции на седмочислениците, најчесто, Горазд (на пример, во “Св. Богородица” – Каменско во живопис и во икона, во “Пречиста”, Кичевско, живопис и др.)

Култот на св. Еразмо е присутен на доста широк простор, дури на бреговите од Португалија. За тоа посебно придонесло неговото авантуристичко патување до Драч, до Формија по Јадранско Море. Поради тоа св.Еразмо станал “универзален и непосреден покровител на сите морепловци“.

proslavuvanje patron praznikot mornari italija

Мажи носат статуа од Свети Еразмо кон црквата “Св. Еразмо” во име на поминувањето на бродовите во морето, Јуни 2 2016, остров Корзика, одбележување на празникот “Св. Еразмо”

Со посебна гордост истакнувале и други градови на Италија и Германија дека располагаат со негови мошти. Во Белгија, Германија и во други краишта можат да се најдат слики на светецот со раскината утроба (сликите од погоре каде што е прикажано измачувањето на светецот), поради што народот го нарекувал заштитник на стомачните и породилните болки. 

Во многу краишта се почитува и како заштитник од добиточни болести и епидемии, а во крајбрежните области на Италија, Шпанија, Франција и Португалија се почитува и како патрон на морнарите (предходната слика).

Името на св. Еразмо во Охридско – струшкото подрачје е Размо. Како: Размо, Разме, Разменка, неговото име е широко навлезено и на пошироки простории на Македонија (главно во Скопје и во западниот дел), каде што се среќава и во формата Разман. Причина за неговото навлегување и во ономастиката е и значењето на неговото име: мил, сакан, пријател.

divider

Во една пофална песна (икос) за св. Еразмо се вели:

“Колку што Сонцето ја оживотворува вселената со светлите зраци, толку богоносецот ја просветли околината со безбројните чудотворства”

Безбројните осветлувања на околината со чуда, св. Еразмо ги правел со Исус Христос во него. Се што правел св. Еразмо го правел со крсниот знак со молба за помош од семоќниот Бог, кому му бил “најмил”.

Бројните чуда на св. Еразмо во житијата ги наведовме веќе, но овде ги наведуваме комплетно за нивно сублимирање:

  • Кога св. Еразмо е во пустината, на планината Либанон, од небото храна му носел сокол (гавран); со него зборувале ангелите, ѕверовите доаѓале во неговата ќелија, му се поклонувале и станувале простирка за неговите стапки (по нив да оди);
  • Гласот од небото му вели да го напушти пустиножителството и да оди во татковината. Слегувајќи од Либанон, штом ќе ги ставел рацете на сретнатите со нечист дух, веднаш оздравувале.
  • Од тепањата по наредба на Диоклецијан и Максимијан нема траги по неговото тело, дури и кога бил потуран со жешка смеса од катран, асфалт, восок и масло. Нема никакви последици и од вжештената бакарна облека. Со тоа безбожниците (“слепите во разумот”) ги враќал во богосознанието.
  • Од затвор на своевиден начин се ослободува, оковите ги топи како да се восок и ослободен од нив ангел го пренесува до пристаништето во Драч и оттука плови до Италија или до таму го носи ангел.
  • Со неговите продорни очи скулптурата на Херакло/Зевс ја претвора во прав, а од неа разбеснатиот змеј го смирува.
  • Го оживува умрениот син на Анастас; на слепи дава вид, на разболени болести оздравува.
  • Сите постапки на немилосрдните антихристи Диоклецијан и Максимијан ги исмева. Пред мачителот е горд, нарекувајќи го граблив волк, измамник на душите, месоајдец, син на ѓаволот итн итн.

divider

Со својата духовна моќ, св. Еразмо е присутен до ден-денес кога му се обраќа верник со крсниот знак искрено во неговиот храм, во секојденевниот живот каде и да се наоѓа. Токму затоа на неговиот празник уште одвечер (на 14 спрема 15 јуни) течат реки луѓе од сите страни во манастирот “Св. Еразмо”, но и секој ден цела година има посетители во него.

Секој посетител доаѓа во знак на благодарност за нешто на светецот, да се помоли да му поможе за здравје и среќа за себе и за фамилијата или со некоја посебна желба. Сите коишто му пришле искрено, со верба, немале лошо видено од тоа. Напротив, многу се усреќиле, виделе некое добро, психички се ослободиле. Свети Еразмо наградува, но и казнува.

Прилог кон чудотворната моќ на св. Еразмо досега, сигурно и во иднина се и многуте приложени записи за неговите чуда доживеани на нашево подрачје сврзани со манастирот “Св. Еразмо”, повеќето забележани со помош на г-ѓа Веса Граждани, г. Климе Нически и професор д-р Стојан Ристески, за што им благодариме.

Повеќето информации на овој веб сајт се добиени благодарение на д-р Стојан Ристески и неговата книга “Чудата на Свети Еразмо” која може да си ја купите во манастирот во било кое време.

Им благодариме и на другите информатори како и на идните информатори кои ќе ни се јават со нови содржини. Во секое време може да ја искористите контакт формата на сајтот за да споделите некоја ваша случка која со ваша дозвола, ние со задоволство ќе ја објавиме тука.

Во изнесеното во записите кој колку верува е негово, но изнесеното во нив се факти, а фактите остануваат факти. Навистина рускиот писател Максим Горки вели дека постои само она во што човекот верува, но кога ќе удри нешто на најосетливото, на најболното место, ќе верува секој во тоа што не верувал, а навистина постоело и ќе бара прошка и милост од него.

Богољупците со секое посетување на манастирот “Св.Еразмо” душевно се освежуваат, а посетителите на Охридското крајбрежје ќе се вратат во своите места духовно побогати. Кој бил во Охрид, а не го посетил манастирот “Св. Еразмо”, многу пропуштил.

divider

Pin It on Pinterest