Девојката Елена, од Скопје, со мајка ѝ и со сестра ѝ, пред една година дојдоа во манастиров. Уште не ја имав отворено пештерската црква. Ми го побараа клучот за тие да отворат. Таму Му се молеле на Св. Еразмо да им поможе да се омажи сестра ѝ, а и за неа. Набрзо се омажила сестра ѝ и веќе била со рожба. За тоа добро, пред три недели ете ја Елена да му благодари на Св. Еразмо. Со неа беше и еден младич.

Сега доаѓаш за брат ти? – ја прашувам.

Не, овој ми е дечко. Се вика Бојан, од Прилеп е.

Дечковци има многу, ама да ти стане животен сопатник…

Додека разговаравме, се јави на мобилен телефон мајка ѝ да ја праша дали стасале в манастир.

По потврдниот одговор, мајка и се интересирала дали сум јас тука и дали нешто ми донесле. Бидејќи ништо немаа донесено, заминаа и по два часа се вратија. За тоа време Бојан купил кафе и, скришно, прстен. Повторно влегоа во пештерската црква. Набрзо Елена свриска. Истрчав да видам што е.

Бојан во пештерската црква ме посака за жена и ме прстенува! – рече Елена.

Вчера (22 Август 2016) повторно дојдоја Елена и Бојан да му благодарат на Св. Еразмо што ги здружил, т.е. се регистрирале! – рече г-ѓа Веса Граждани на 23. 08. 2016 година.

Pin It on Pinterest