Мачеништвото на светиот свештеномаченик Еразмо што се одиграло во градот Формија

Во градот Антиохија се вршеше прогон на христијаните од царот Диоклецијан, така што, ако некој не сакаше да се жртвува на боговите, лошо завршуваше. Слушајќи го ова, блажениот Еразмо ја засака пустината. Таму се насели 7 години и направи многу чуда на планината наречена Либанон, молејќи го деноноќно Господа за милост. Нему секојдневно му доаѓаше храна од небото преку соколот. Многу чудесни работи преку него Господ покажа, така што и ангелите со него зборуваа. Многу и разни ѕверови доаѓаа во неговата ќелија и, поклонувајќи му се, правеа од себеси простирка за неговите стапки.

Се слушна и глас од небото, кој му велеше:

Еразмо, слези оттаму и појди во твојата татковина“.

Како што слегуваше, многумина, совладани од нечисти духови, го пресретнуваа. Светиот Еразмо, пак, ги ставаше над нив рацете во името на Христа. Штом ќе излезеа демоните од нив, (тие) веднаш оздравуваа. Многумина привлече кон Господа преку светото крштевање.

Слушајќи за ова, царот Диоклецијан нареди да се фати свети Еразмо и да се доведе кај него. Додека тој влегуваше, царот, кој заседаваше со сенатот, го праша:

„Кој си ти и од кој род потекнуваш?“

Светецот му одговори:

„Признавам дека сум христијанин“.

Светиот Еразмо не беше богат само со дух, туку и личен и од ангелски сој. Очите му беа како сончеви зраци, неговиот глас ослободен од се обвинувачко, одговарајќи за Господа мирно и благо. Нему царот му рече:

„Смири се и преобрати се и принеси им жртва на нашите големи богови за да не умреш во маки“,

А светиот Еразмо, одговарајќи му, на царот му рече:

„Јас нема никогаш да бидам вовлечен во овие работи и да им принесувам жртва на тие изделкани дрва на кои ти си им сличен. Побргу би се жртвувал за Господа седржител, жив и вистинит, кој го создал небото и земјата, морето и се во нив; Нему само му служи мојата душа, бидејќи никогаш нема да бидам убеден од тебе“.

Тогаш царот, исполнет со лутина, им нареди на своите слуги да го тепаат по слабините со оловен камшик. Блажениот Еразмо во текот на неговото мачење, гледајќи кон небото, рече:

„Слава ти Господе мој, Исусе Христе, живот на оние што се надеваат во Тебе оти разбрав што сака мојата душа. Дај му сила на Твојот роб за да не го голтне бездната на смртта“.

Царот му вели:

„Еразмо, те гледам млад, убав, спаси си ја душата и принеси им жртва на бесмртните богови, а јас ќе те направам славен во мојот град; ќе ти дадам уште злато и сребро и луксузна облека“.

Светиот Еразмо, насмевнувајќи се, му рече:

„Граблив волку, измамнику на душите, твоите дарови не ќе ме оттргнат од љубовта кон мојот Христос, оти твоето злато и твоето сребро и облеката заедно со тебе ќе ги снема. Јас имам оклоп на верата што не може адот да го совлада. После ти навистина ќе бидеш изгорен заедно со твојот татко ѓаволот“.

Исполнет со гнев, царот Диоклецијан нареди светиот Еразмо да биде тепан со стапови од неговите слуги. Безброј пати беше удрен, но ниту една рана не се гледаше на неговиот грб, поради што сиот народ викна:

„Навистина голем и чудесен е христијанскиот Бог, кој такви силни нешта прави преку неговиот роб“.

Царот Диоклецијан рече:

„Грешите, народе, овој прави маѓии“.

Светиот Еразмо рече:

„Да не си ти сличен на ѓаволот шго го истера првосоздадениот од рајот? Дивјаку и месојадецу, змеју, водачу на беззаконието, магиите, што велиш дека ги имам, е Христос, синот на Бога кого го роди девицата Марија, Богот збор од Светиот Дух, Кого пророците го претскажаа, а подоцна се обистини, Кој ги откупи гревовите на светот, ја освети темнината на незнаењето, Кој тебе ќе те намести во најдолниот ад и оттаму ќе ти побара отчет“.

Тогаш царот разлутен нареди да му го кинат месото на блажениот со железни клешти. Светиот Еразмо му пееше на Бога, радувајќи се на профетската изрека што вели:

„Ги даваа во Ерусалим телата на побожниците твои како храна на ѕверовите на земјата“.

Поради тоа, тогаш царот нареди да се истопи катран, асфалт и восок и да се потури светиот Еразмо. Ангел на Господа се појави и го ладеше маченикот. Тогаш викна светиот Еразмо:

“Цару, каде ти се казните? Види, твојата лутина му даде на моето тело чудесно освежување”

Сиот сенат на Антиохија викна во еден глас:

„Пушти го праведниот човек и епископ на градот, оти низ него дејствува христијанскиот Бог“.

И, гледај, наеднаш силен земјотрес се стори, грмотевици и молњи, од кои една третина од народот загина. Ангелот Господов стоеше заедно со светиот Еразмо и слепите во разумот луѓе повторно ги враќаше во богоспознанието. Царот избега, надевајќи се дека така ќе го ослободи градот од заканата на гневот Божји и, обраќајќи му се на народот, рече:

„Оној што го гледате ги клеветеше боговите и поради тоа се стори овој неред“.

И нареди да го затворат светиот Еразмо во затвор и да му стават на вратот и рацете синџири од шестотини литри железо. На своите слуги им го заповеда и ова:

„Ако некој човек се обиде дури и вода да му даде, таквиот на смрт веднаш ќе се предаде“.

Неговите слуги го направија она што им беше наредено. Царот ја запечати вратата на затворот со својот прстен-печат. Околу полноќ светиот Еразмо викна:

„Господе Исусе Христе, Боже, прослави ја својата доброта, Ти што ги спасуваш оние што се надеваат во Тебе и ослободи ме од моите непријатели и од оние што се надвиле над мене за да не се пофали непријателот кај Твоите слуги, за никогаш да не кажат народите – каде е нивниот Бог?“

И гледај, веднаш се расветли и заблеска затворот така што се чинеше дека е полн со визии, и се видоа како стојат 12 ламби пред лицето на светиот свештеномаченик Христов. Нашиот Господ Исус Христос се огласи, велејќи:

„Еразмо, гледај, јас дојдов кај тебе, охрабри се и осили се бидејќи јас сум со тебе“.

И веднаш се стопи железото како восок и падна од неговото тело.

Се исправи и почна да пее, меѓу нив, го благословуваше Господа, велејќи:

„Благословен Ти Господе Боже, Ти што го создаде небото и земјата, морето и се во нив, околу кого стојат ангели со страв, мноштво пророци и маченици, кои за Твоето име страдаа. Смилувај се на Твојот роб, заштити ја мојата душа од раката на оние што ја мразат, со поцврсти (раце) од неа и спаси ја како твоите свети деца Седрак, Мисак и Абденаго, од сред вжештената фурна од раката на царот Навукодоносор; и Твојот роб Даниил од дувлото на лавовите, оддалечувајќи го наполно здрав преку Твојот пророк Авакум; и Сосана од клеветите и лажните обвинувања. Спаси ме мене, Господе, Твојот невреден молител м смилувај се на Твојот роб“.

И откако го рече ова, гледај, се појави ангел Господов, велејќи му:

„Еразмо, станувај и ајде со мене во Италија. Таму твојот Господ ќе ти подари вечен живот и мир во век и веков“.

И гледај, целиот, како Христов гулаб, го пренесе во местото што се нарекува Лукридон. Идниот ден, царот Диоклецијан дојде во затворот и го виде својот печат цел онака како што го запечати, и им нареди на своите слуги, велејќи им:

„Извадете ми го тој маѓепсник, којшто наместо нашите богови, донесе ништо“.

Внатре не го најдоа светиот маченик, туку само железото претворено во топла пепел. Повикаа со силен глас:

„Господару цару, човекот не го најдовме, а железото го гледаме во пепел сторено“.

Слушајќи го ова, царот се удри по лицето со раката и рече:

„Што да му кажам на присутниот народ?“

Дојдоа илјадници мажи и жени, пристапувајќи му на Христовиот свештеник. Се вознемири сиот град и беше опфатен од голем страв, а христијаните бараа христијанин. Вдовиците и сираците еднодушно велеа:

„Дајте ни го нашиот татко, епископот за да не дојде во опасност градот“.

Сиот народ му викаше на царот:

„Што му направи на Божјиот човек?“

Царот, пак, опфатен од страв, рече дека него го грабнале на небото и потоа го скроти народот со многу дарови.

Светиот Еразмо пристигна на реченото место Лукридон, во кое многу од верниците се покрстија од него во Христовото име. Разни чуда направи со силата на Христос, Кој делуваше во него. Во тие (чуда) на слепи даваше вид, а разболените од разни болести ги лекуваше. Имаше и некој благородник и првенец во овој град по име Анастас, чиј син лежеше мртов, а неговото тело го носеа да го закопаат. За ова му беше кажано на светиот Еразмо за да го воскресне и да го предаде на родителите.

Доаѓајќи до неговиот гроб, блажениот рече:

„Анастасе, ако веруваш ти во Господа Исуса Христа, родениот од Светиот Дух и девицата Марија, ќе ти го врати синот“.

Голема мешаница беше во народот кој присуствуваше вчудоневидувајќи се на очекуваното. Тогаш Анастас рече:

„И ти можеш да го воскреснеш син ми?“

Светиот Еразмо рече:

„Не јас, туку мојот Господ Исус Христос, кому јас сум му роб“.

Анастас рече:

„Ако ми го оживееш сина ми, ќе поверувам и јас и мојата куќа и сиот овој народ“.

Кон ова светиот Еразмо рече:

„Симнете го мртовецот од ковчегот!“

Потоа учтиво им нареди на неговата мајка и на таткото да го придржат и, клекнувајќи над телото, викна со силен глас:

„Детенце, воскресни!”

Пред овој глас, детето воскресна и викна гласно:

„Голем е христијанскиот Господ“.

И, свртувајќи се кон татко му, рече:

„Татко, досега грешевме. Боговите што ги почитувавме не се ништо, ги видов во адот како немаат мир од маките. Богот на овој свети Еразмо е голем“.

Така поверува Анастас и целата негова куќа и во тој час од присутниот народ се покрстија околу 40 илјади луѓе.

Тогаш светиот Еразмо гласно рече:

„Ти благодарам Господе Исусе Христе, сине Божји, зашто го прибра Твојот народ на патот на вистината; бидејќи Ти самиот кажа, преку Твоите свети евангелија: Молете и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете. Благослови го сега својот народ кого го прибра кон себе“.

Откако ова го кажа светецот, се слушна глас од небото што велеше:

„Добар и верен рабе, кој си се борел за мене на земјата, што и да побараш ќе ти се даде“.

И го благослови Господ својот народ којшто тој ден поверува, а и потоа. Она во што веруваа го искршија и го здробија. А светиот Еразмо цели седум дена не запре учејќи го народот Божји и поткрепувајќи ги сите во учењето Божјо. И велеше:

“Чујте ме, мили чеда, чувајте ги Божјите заповеди, и неговите чуда што ги слушнавте и што ги видовте, и силните и големи нешта што кај вас ги направи, вие кој го облековте оклопот на правдата и верата како бидени деца на Бога“.

Сето ова направено од овој маж го слушна царот Максимијан од некој верен маж паганин Проб, кој му рече:

„Чуј премирен цару што станало во градот, гледај твоето царство се потценува и нашите богови, не знам од кој човек антиохиец, се уништени, кој проповеда дека оној наречениот Христос, распнатиот бог, е вистинскиот“.

Слушајќи го ова, царот Максимијан нареди да го фатат светиот свештеномаченик Еразмо и подготви јавен процес. Наредниот ден, што беше одреден блажениот да застане покрај пултот, беше внесен во судницата. И откако тој влезе, царот рече:

„Кажи, ти нечесен, на која вера и припаѓаш?“

Светиот Еразмо не му одговори со зборови, туку само со погледот го впери кон небото. А Максимијан му рече:

„Ништо не ми одговараш?“

И налутен нареди да го удираат по образите. Светиот Еразмо му рече:

„Граблив волку, полн со беззаконие, зошто го прогонуваш робот Божји?“

Царот рече:

„За да ги признаеш боговите“.

Светиот Еразмо му рече:

„Јас го признавам Господа мој Исус Христос, синот на Бога“.

Максимијан рече:

„Секој што ќе стане ист како оној распнатиот во Ерусалим од Евреите, на ист начин ќе умре“.

Светиот Еразмо, насмевнувајќи се, рече:

„Ти благодарам цару, бидејќи не сакајќи ме почести. Добро ми кажа за да бидам достоен да одам по неговите стапки; неговата пролеана крв е наша светлост, таа ќе те спаси, ако посакаш да ја дознаеш и да поверуваш во неа“.

Царот Максимијан рече:

„Ти навистина во него веруваш?“

Свети Еразмо одговори:

„Добро ми кажа да верувам, оти верувајќи му, себе му се принесувам како жртва за благодарност и исповед. Тој што го излекувал светот од неговите гревови и мене ќе ме излекува“.

Царот рече:

„Смилувај се на твојата душа, пофали ги и принеси им жртва на моите богови!”

Светиот Еразмо рече:

„На кои богови ми наредуваш да се поклонам?“

Царот рече:

„Ако ти речам, ќе се сложиш со мене?“

Светиот Еразмо рече:

„Кога ќе видам, ќе направам како што доликува“.

Тогаш царот исполнет со радост, нареди да се однесе робот Божји со сиот народ во храмот на Херакло во градот Сурмитана и нареди да се подготват инструменти и сите членови на управата во храмот. Гледајќи го ова, св. Еразмо воздивна во себе и, вперувајќи ги своите очи кон небото, рече:

„Господе Исусе Христе, син на живиот Бог, чуј ме овој час и испрати го својот ангел да ми помогне и да ме поткрепи во оваа војна што ми ја подготви ѓаволот“.

И по неговото влегување во храмот, светецот му рече на царот:

„Каде е богот на кого ми наредуваш да му се поклонам?“

Царот, држејќи го за рака, влезе со него во храмот и му го покажа големиот бакарен кип, од околу 12 лакти и рече:

„Гледај го мојот бог кому јас му служам“.

Штом маченикот погледна во него, кипот веднаш падна и се претвори во прав. Од него излезе змеј, кој испоуби една третина од народот. Царот, гледајќи се себе исмеан, се качи на својот коњ и се врати во својата палата, чукајќи се по градите и велејќи:

„Тешко мене, бидејќи моето царство го исмеа овој човек“.

Тогаш половина од народот викна:

„Свети Еразмо, рабе Божји, моли се за нас да не загинеме од овој змеј“.

А св. Еразмо рече:

„Поверувајте во нашиот Господ Исус Христос и ќе се спасите“.

И му нареди на змејот никому повеќе да не му наштети. Светиот Еразмо рече:

„Види каква сила им дава Господ на оние што веруваат во него“.

Од нив, во тој ден, се покрстија до 30 илјади луѓе. Голема борба се водеше на небото и чети ангели делот на ѓаволот го напаѓаа. Светиот Еразмо викна со сиот глас:

„Слава на Господа во височините и мир на земјата и слога меѓу луѓето“

А сиот насобран народ одговори:

„Амин“.

Се вознемири градот на Ормитаните. Тогаш царот се уплаши и им нареди на оружениците да ги заколат сите оние што се преобратија кон Господа. И така, завршија 30 илјади луѓе во борбата, предавајќи се себе на молитвите на маченикот. Ними им рече светиот маченик:

„Заминете среќно во името на Господа, во светиот град, кој ви го подготви Господ, во кој и јас, после мојата борба, ќе дојдам кај вас“.

И беа ангели кои трчаа по облаците на небото, дочекувајќи ги душите на светците и придружувајќи ги до небото. Се слушна глас на небото од оние што пееја и велеа:

„Патот на праведниците се исправи“.

Гледајќи го ова, свети Еразмо се радуваше како добар пастир на своето стадо и така ги предаде сите на Господа.

Тогаш царот Максимијан, исполнет со лутина, нареди да го фатат свети Еразмо и да го казнат со разни мачења. Им нареди на своите слуги да направат облека од бакар според ставата на маченикот и вжештувајќи ја многу да му ја облечат, и рече:

„Да видиме сега дали твојот бог ќе те спаси од моите раце“.

Свети Еразмо, одговарајќи му, му рече:

„Месојадецу, преполнет со беззаконие, син на ѓаволот, твојата бесрамност ја ценам полошо од онаа на кучето. Како што ти реков и сега ти велам: не се плашам од твоите закони, дури и повеќе од ова да направиш, нив ги разубавува моето срце“.

И себе си се запечати облекувајќи ја облеката во форма на крст и почна да ја пее псалмата изречен од Давида:

„Поминавме низ оган и вода, но не извади повторно во блаженство. Во фурна не испробуваше сите нас кои веруваат во Тебе и се радуваше кога ја примаше принесената жртва“.

Веднаш вжештената облека се олди како снег и ни малку не го оштети неговото тело. Тогаш свети Еразмо рече:

„Гледај цару, ти се посрами заедно со твојот татко ѓаволот, бидејќи мојот господар брзо ме ослободи”.

Народот повика:

“Голем е Господ на овој човек кој низ него толку силни работи изврши“.

Максимијан рече:

„Тоа се маѓии за да го совлада огнот и да ги презре моите богови”.

Свети Еразмо рече:

„Безумен цару, тоа што го нарекуваш маѓии тоа е мојот Бог, Кој дозволува да се исмејуваат твоите камени богови кои се презрени од луѓето и на кои им си ти сличен. Тој е оној што ке ја победи твојата нечиста мисла“.

Царот рече:

„До кога ќе можам да ги поднесувам твоите пцости?“

Маченикот рече:

„И јас се чудам како не се срамиш од неефикасноста на твојата сила“.

Обземен од бес, им нареди на слугите да подготват казан од 30 метри (38 литри), да го исполнат со олово, смола, катран и масло и да го потпалат. Откако тоа е сторено, со голема брзина казанот од вриењето се брануваше како море. Царот му рече на блажениот:

„Да не може и овде твојата умешност да надвладее?“

Маченикот рече:

„Овој казан за мене е блаженство“.

И правејќи го знакот на Христа, рече:

„Гласот Господов над водите“.

Веднаш се распрска надвор од казанот. А царот испрскан рипна, велејќи:

“Горам Божји човече, помоли се за мене!“

Маченикот рече:

„Тешко тебе, граблив волку, гледај го огнот што е подготвен за тебе и истовремено за твојот татко ѓаволот и иеговите ангели. Знам дека твоето срце е скаменето, по поради овој присутен народ биди здрав“.

И веднаш запре неговата болка. Многу од присутните, кога го видоа тоа, истиот час поверуваа во Христа. А царот, кога се виде себеси победен, нареди маченикот да се стави во затвор и да се окова со 500 литри (192 кг.) железо. Тогаш маченикот, којшто се молеше, здогледа преславно момче кое му велеше:

„Еразмо, станувај! Гледај! Јас сум ангелот Михаил испратен кај тебе за да те одведам во Кампанија во градот Формија за да му проповедаш на народот“.

Го зеде и го изведе од градот на Сурмеите. Стигна во Драч и гледај, таму од Господа подготвен брод за него, и влегувајќи во него, замина во земјата. Следниот ден Максимијан се потресе кога не го најде и рече:

„Него го избави неговиот Бог“.

Маченикот на Христа дојде и се насели во градот Формија, а по седум дена почина во Господа. Ангелска храна му беше испратена со ангел. И се слушна глас од небото, кој велеше:

„Еразмо, дојди и одмори се во светиот град, кој го подготвив за твоите браќа маченици, и пророци и моите апостоли и прими ја наградата твоја. Преку тебе јас се прославив, и на небото, и на земјата“.

Погледнувајќи кон небото, свети Еразмо виде скапоцен венец како му доаѓа во пресрет и хорови од пророци и апостоли. Ја наведна главата и рече:

„Господе, прими ја душата на твојот роб“.

И завршувајќи ја својата молитва, му го предаде духот на Господа во мир. Седум пати побела од снег се појави неговата душа што беше носена со голема слава на небесата од ангелите. Тогаш пресветиот свештеномаченик на Христа, Еразмо, се молеше на седржителот Бог за вдовицата и сираците, велејќи:

„Господе Исусе Христе, сине Божји, единороден, нареди ми да се успокојам во местото што е место на твојата пофалба. Дозволи ми, ако некој ме замоли во твое име, да ја добие наградата своја од Тебе. А јас Еразмо нема да се одделам од ова место ни во сабота ни во недела“.

И се создаде глас од небото, велејќи му:

„Храбро, мој следбенику Еразмо, оти се што ќе ми се побара ќе дадам, дури и преку тоа ќе се добие. Според тоа, влези во радоста на својот Господ и таму уживај и радувај се со праведниците и со моите одбраници во веки веков, амин“

divider

Pin It on Pinterest