На 13.12.2015 година господинот Мустафа Асан од Охрид (роден 1946) ни го изнесе следното.

Бев возач во Земјоделската задруга “Горица”. Возев камион, со кој превозував од и за Задругата. На пат одев во секое време по потреба: дење, ноќе. Еднаш, во 1978/1979 година, одев за Белград. Тргнав во 1 часот по полноќ. Околу 1:30 часот бев наспроти манастирот “Св. Еразмо”, по стариот пат. После кафеаната “Св. Еразмо”, одненадеж на патот ми се испречи ѕид од камења. Јас кочи, кочи, едвај застанав пред ѕидот пред да удрам во него.

Слегов од камионот. Застанав пред него. Знаејќи на кое место сум, се качив на хаубата. Направив молитва каква што прават оџите, во која меѓу другото се вели: “Поможи, Господе”. Не помина ни минута по молитвата, го снема ѕидот. Се качив во камионот. На бензиската пумпа во Подмолје турив гориво.

Што си таков блед? – ме прашуваат на бензиската.

Ништо, ништо, добро ми е! – им велам и го продолжив патувањето.

Како што мене ми се случи случката кај “Св. Еразмо” порано му се случила и на Шефкија Умер на одење со камион за Струга.

Pin It on Pinterest