Подолго време имав душевни маки. Ги употребив сите лекарски можности и овде и Германија, каде сум на работа. Со препишаните лекови само моментално се смирував. Помини нивното дејство, пак неиздржливи маки. Тој немир ми се одрази и во семејниот живот.

Покрај лекарствата, бев и во многу храмови. Последно дојдов во “Св. Еразмо”. Во пештерската црква ги искажав моите проблеми и го молев св. Еразмо да ми помогне. Купив иконче од Чудотворецот. Почуствував мало подобрување, но не и целосно смирување.

Врската со девојката Марија стана брак. Решивме да се венчаме во наша, македонска црква кога ќе бидеме во Оровник. Чекајќи да се вратиме, ја добивме ќеркичката Викторија. Прво идење во Оровник, во 2013 година, решивме со сопругата венчавањето и крштевањето (на ќеркичката) да бидат заедно. По настојувањето на сопругата, двата чина ги извршивме во манастирот “Св. Еразмо”.

Кога се вративме во Германија, една ноќ на сон ми дојде св. Еразмо и ми рече:

– Дете мое, ти од утре ќе се излекуваш.

Со сомневање го примив кажувањето, ама ги исфрлив сите лекарства. Си реков:

– Што сака нека биде, повеќе не земам никакви лекови.

И, навистина, постепено сосема се ослободив од мачнотиите. Ја зедов иконата на св. Еразмо од на ѕидот и реков:

– Златен свети Еразмо, сполајти! Ти ме излекува, само во Тебе верувам.

При секое идење од Германија ќе Те посетувам во манастирот и со што можам ќе те дарувам!

… ни рече господинот Димче Ѓорѓиески од Оровник на 4 јули 2016 година во манастирот “Св. Еразмо”

 

Pin It on Pinterest