На Ице Блажески од Битола ние сме му кумови. Тој ми го кажа следниот случај, ни рече Климе Нически од Охрид на 12. 2. 2015 година.

Ице бил партизан. При расчистувањето на остатоци од балистите во доцната есен на 1944 година бил на должност помошник на командантот на партизанската единица, која делувала на подрачјето Охрид – Струшко.

При крајот на ноември 1944 година неговата единица од Охрид тргнала за Струшко. Под манастирот „Св. Еразмо“ имало едно голо-босо дете од околу 9 години. Го зеле со себе. Во Струга го обуле и го облекле. Дошле во Велешта. Единицата ја распоредиле за преноќување по куќи, а раководството сместено во куќата на кметот. Со нив било и детето, бидејќи немало никој никаде.

По легнувањето на рогозините, од умореност, брзо позаспале. Кога сметал газдата дека партизаните се во длабок сон, на жените од куќата на албански им рекол:

– Сега се заспани, фрлајте ги бомбите и бегајте!

Детето, кое спиело до Ицета, го поттурнало и тивко му кажало што рекол газдата. Веднаш партизаните станале. Извршиле претрес: партизанките на жените, мажите на мажите. Што ќе видат: преполни со оружје и муниција.

Добрината направена на детето ги спасила. Но кога детето го нашле голо-босо под „Св. Еразмо“, немало никој никаде, разбрало што рекол стариот Албанец, тоа не било дете, туку самиот свети Еразмо.

Ице Блажески при секое идење во Охрид редовно одеше во манастирот „Св. Еразмо“ да запали свеќа, да му благодари на свети Еразмо што ги спасил партизаните од сигурна смрт во ноември 1944 година.

Pin It on Pinterest