Еден големец, познат на маж ми, на враќање од Охрид за Скопје колата му застанала точно под влезната порта на “Св. Еразмо”. Тука застанала, изгаснала и никако да запали. Ете ги со жена му пешки кај нас во мотелот.
– Леле што да правиме?! Колата ни застана. За жива глава не пали! – велат.
– Каде ви застана? – ги прашувам.
– Ене, близу под влезон на манастирон!
– Се прекрстивте кога врвевте под манастирот? – ги прашувам.
– Не! – рекоа.
– Слушајте, одете, прекрстете се пред портата и речете: “Свети Еразмо те молиме пушти ни го патот!” – им велам.
Отидоа, постапиле како што им реков. Колата запалила и за 5 минути заминаа. Ни се јавија од Скопје дека среќно стасале. Подоцна кога идеа во Охрид, редовно одеа во “Св.Еразмо”, ни рече госпоѓата Драгица Коцарева на 22 јуни 2016 година.