Западнав во тешка душевна мака, во депресија. Сам се доведов до тоа, ама зошто? Не почитував една глупост на сезнајните. Не смеам дома никому да му кажам, а некажаната болка повеќе боли.
Срам-несрам, му се доверив на стрико ми. Ми вели да појдам во пештерската црква на манастирот “Св. Еразмо”, да запалам свеќа, да се помолам, да му се исповедам на свети Еразмо и од него да побарам помош за решавање на мојот случај.
Денеска (15 февруари 2015, недела) сум во “Св. Еразмо”. Постапив по советите на стрико ми. Застанав на терасата близу новата црква, свртен кон пештерската црква. Се потпрев на железната ограда. Чудно, несекојдневно, невообичаено се чувствувам. Едно време, не знам што ми текна, го иставив мобилниот телефон. Со кренати раце, во висина на ликот, самиот се сликав.
По некое време од доаѓањето дома, во себе си велам:
“Дај да видам како испадна сликата”.
Кога – има што да видам!
Под долната вилица – пламен од свеќа.
Веднаш одам кај стрико ми да му ја покажам снимката.
“Внучко, Свети Еразмо брзо делувал. Не возбудувај се! Свети Еразмо ти дал позитивен сигнал за твојата молба во неговиот храм“ – ми рече стрико ми.