Цела година ме болеше многу главата. Бев нервозен, раздразлив, немав мир во душата. На одење за Охрид влегов во „Св. Еразмо“. Запалив свеќи во пештерската црква и во другата црква. Го молев св. Еразма:
„Свети Еразмо, многу ме боли главата, помогни ми…“
Кога стасав дома (с. Нерези, Струшко), сум нешто подобар, посмирен. По некој ден, пак дојдов во „Св. Еразмо“.
Со двајца другари отидовме во Битола со мојата кола. На враќање, другарот што седеше на задното седиште заспа, а тој до мене ми вели да го разбудам.
– Нека го, нека се одмори! – му велам.
Едно време како да бев заспан, а возам. Во полусон колата ми оди лево-десно и удирам де во една де во друга кола. Почувствував страшна болка под мишките на плеќите. Стасав некако дома, ама имам неподносливи болки. Дојдов овде. Срам, не срам, и кажав на тетка Веса што ми се случи на враќањето од Битола и за болките. Таа ми вели:
– Роберт, да појдеш и да се исповедаш кај отец Партениј. Договори се со него кој ден да појдеш кај него, само биди упорен зашто тешко се добива на телефон, презафатен е.
Скоро цел ден го барав на телефон отец Партениј, но никако да го добијам. Вечерта се откажав од барањето. По 5 минути од моето последно барање, отец Партениј сам ми се јави.
– Кажи, чедо мое, што мака имаш? – ме прашува.
– Отец Партениј, имам голема тежина во душава. Ве барам да ме примите на исповедување…
– Ич да не се секираш, чедо мое! Господ ќе ти помогне, но што поскоро да дојдеш да се видиме.
На 24 август 2013 година отидов. Се исповедав.
Од тој ден сега сум како нов. Таа помош ми е од св. Еразмо, ни рече Роберт Маркоски на 3. 2. 2015 година во манастирот „Св. Еразмо“