Приложно житие на свети Еразмо од Москополскиот зборник од 1741/2 година

Тој свети Еразмо, и незаборавен меѓу свештеномачениците, беше од градот Антиохија. За време на Диоклецијан и Максимијан, најбезбожните цареви и прогонувачи на христијаните, првин помина предолго во подвижништво почестен со многу дарби. И храна му се испраќаше со гаврани. Го беше примил архиерејски чин без сакање, а со Божји благослов насекаде минуваше како апостол, правејќи невообичаени чуда. Некое умрено дете го воскресна, а таткото на детето, Анастас, со целата негова куќа и со многу други ги покрсти, а идолите што ги почитуваа ги препуштија на целосно уништување. Светецот, пак, седум дена го вразумуваше народот и ја проповедуваше Божјата реч.

Максимијан, познат по суровоста кон побожниците, тогаш го држеше градот Хермупол од некој маж антиохиец кој го проповедаше распнатиот Бог Исус Христос. Царот изненаден од оваа невообичаена вест и плашејќи се да не привлече светецот и други градови во побожност, испрати војници да му го доведат светецот колку што може побргу. Речено – сторено.

Светецот беше доведен и застана пред тиранинот, кој го праша кој е и на кој бог му се поклонува. Бидејќи Светецот на ова ништо не одговори, разлутениот тиранин нареди тој да биде тепан по лицето. Размислувајќи Светецот за суровоста на тиранинот, кој го тепаше со радост и љубеше да испитува со казнување, и оти нема да се поклони на неговите богови, одговарајќи му на царот, рече:

„На кои богови ми наредуваш да се поклонам? Јас сигурно не отсега си го обожавам Господа мој Исус Христос, туку кажи ми на кој бог да му се поклонам?“

А царот:

„И ќе му се поклониш, ако ти кажам?“

А Светецот:

„Тоа што е добро и достојно, тоа и ќе го сторам“.

Царот стана радосен поради ова и на светецот му подготви царска помпезност, со многу почести да дојде во храмот на Зевс. По пат Светецот веднаш ги впери духовните очи на неговото срце кон Бога и оттаму си ја измоли силата, а сиот исполнет со Бога, придобивајќи си ја вишната Божја несовладлива храброст, му вели смело на царот:

„Кој е Господ твој кому му велиш да се поклонувам?“

Царот му ја покажа постоечката бакарна статуа на Зевс висока 12, а широка 6 лакт цела облечена во златна наметка. И штом ја виде Светецот и продорно ја погледна, веднаш како од две молњи од неговите очи, се сотре и прав се стори. Од неа скокна огромен, страшен змеј, кој голема толпа луѓе испотамани. Посрамен од ова, царот се врати ио дворецот, а престрашениот народ од нападот на змејот падна пред нозете на светецот, велејќи:

„Робе на севишниот Бог, спаси не нас од опасноста на змејот!“

Светецот им рече:

„Поверувајте во Господа и во Богот мој Исус Христос и ќе се спасите“.

А тие веднаш викнаа:

„Се поклонуваме и веруваме на проповеданиот од тебе Бог“.

Истиот ден поверуваа дваесет илјади и сите беа покрстени од светецот.

Истерувајќи го змевот со силата на пресветиот дух, веднаш е уапсен од војниците на царот, кој тоа го заповедал, и сешто претрпува. Царот го испоуби сиот народ кој поверува, така што од нив направи новоизбрани маченици. На Светецот, пак, му облекоа бакарна вжештена облека, која што со Божја милост се претвори во студенило на кристалот. Голема радост го исполни Светецот, која го подготви да се спротистави на тиранинот и похрабо и поостро. Подлиот и безумен цар и нареди на стражата да го затвори светецот.

Намера му беше на безбожниот како полесно да биде подложен Светецот на мачења. Но Господ ги фаќа мудредицте на нивната лошотија. Тој што го спаси со надгледување од ангелот на невообичаен начин св. Петар од раката на Ирод на невообичаен начин го избави од затвор со надгледување на великиот таксијарх Михаил својот Светец и го пренесе во Каманија во градот Фримо за да го проповеда и таму зборот на Евангелието, што тој до крај и го и изврши и многу преобрати кон Господ Бог.

Оттаму, стигна во градот Хермелија каде што се насели и воведе многу во светата крштавка. Бидејќи и времето повикуваше на преселување кон Бога, а и часот дојде, ги свитка колената и трипати се поклони кон исток, велејќи:

„Од Бога Бог, од Единиот Единец, од Цар Цар, Кој постоиш на небесата, а седнат од десна страна на Богот и таткото кој Тебе Те роди, Ти што дојде на земјата за спасението на сите, почуј го денес Твојот скромен и невреден роб, и дај им на сите кои што ќе побараат во мое име од Тебе. Дај им на оние што се наоѓаат во опасност, на море, на реките и на било кое друго место да се спасат од опасноста. На оние, пак, што го чествуваат мојот спомен, подари им простување на гревовите и вечен живот и биди им во се помагач и добродетел“.

Бидна глас од небото, кон него велејќи:

„Така ќе биде како што ќе ветам, а и повеќе ќе му се исполни на оној што Мене Ме обожува, Еразмо“.

Слушајќи го овој глас, зарадуван, погледнувајќи кон небото, виде пресветол венец како му доаѓа во пресрет. Чети од ангели, хорови од пророци и апостоли, и сиот хор на праведниците и подвижниците доаѓаа дочекувајќи го пришествието на Светецот кон Христос. Гледајќи го ова блажениот, на новоизбраниот народ му се обрати и го благослови. Наведнувајќи ја главата, рече:

„Господе Исусе Христе, прими го мојот дух!“

Велејќи го ова, замина на блаженото патување за да го гледа Христоса, да биде заедно со Христоса, да ги ужива убавините на Христоса засекогаш.

Pin It on Pinterest