Првата икона што ја изработив беше за св. Еразмо во 1970 година. Од изработката сум задоволен и си велам во себе:

„Оваа икона ќе ја подарам на некоја црква“.

Од изработката на иконата помина доста време. Заборавив на ветеното. Една ноќ, пред разбудување, нешто ме измачува, се потам и слушам глас: „Тоа што го вети да си го однесиш!“. Се исплашив во сонот и одеднаш станав.

– Што ти е? Што си испотен? Што си таков чуден? – прашува мајка ми загрижена.

И кажувам за тежината што ја имав и за гласот што го слушнав, дека сум ветил иконата на св. Еразмо ќе ја подарам на некоја црква, ама изумив.

– Веднаш иконата да ја однесиш во Каменско! Ветеното се извршува, а не се заборава! – ми вели мајка ми.

Иконата ја урамив, ја застаклив и ја однесов во „Св. Богородица“ во Каменско, каде што е и сега. Веднаш почувствував олабавување, леснотија на душата, повеќе не ми се јави гласот, ни рече г. Климе Нически на 12. 2. 2015 година.

Pin It on Pinterest