Како православен христијанин верувам и се крстам во нашата света вера. Секогаш кога поминувам покрај некој храм или покрај православен симбол, се крстам.
Пред 7-8, ако не и повеќе, години, со мојата кола, јас, мојата сопруга, внукот со сопругата и малата им ќеркичка, тргнавме за Скопје на лекарска контрола на малечката. Само што тргнавме, околу 9 часот, почна да истура силен дожд. Кога дојдовме кај “Св. Еразмо”, се прекрстив за добар пат. Среќно стигнавме во Скопје.
По завршениот преглед на ќеркичката од внукот во болницата и завршување на некои работи низ Скопје, по 3 часа, тргнавме за Охрид, а дождот не престанува.
Кога на враќање се приближивме до манастирот “Св. Еразмо”, повторно се прекрстив со благодарност на Св. Еразмо што не чуваше по патот. Но, од умореност и брзање поради некои обврски, НАМЕСТО да речам:
Златен Свети Еразмо и златна Света Екатерина, Ви благодарам што не чувавте по патот и што сѐ се заврши среќно со девојчето, јас изговорив…
“Златна Света Петка…”
Тогаш од левата страна се појави една жена во бело, како невеста, и со двете раце на шофершајбната фрли зрна од град. Јас се уплашив, со воланот се занесов лево-десно.
Никола бре, ние сме пред “Св. Еразмо” и “Св. Екатерина”, а не пред “Св. Петка”! – изреагира сопругата, која седеше на предното седиште.
По што јас веднаш се корегирав:
Златен Свети Еразмо, златна Света Екатерина, простете ми за изговорената грешка!
Тоа го направија и сите во колата и мирно го продолживме патот. Оваа случка сите нѐ вознемири, нѐ уплаши.
Следниот ден, чувствувајќи се виновни и должни за направената грешка во именувањето на светецот, фамилијарно го посетивме манастирот “Св. Еразмо”.
Запаливме свеќи, барајќи прошка од Свети Еразмо и од Света Екатерина за направената грешка и молба за здравје и живот. И одеднаш почувствував леснина во душата, како полесно да почнав да дишам.
Откога се направи новиот асфалтен пат преку имотот на “Св. Еразмо”, често се слуша за некои сообрајќајни несреќи, иако таму патот е прав. На една сообрајќајка со мерцедес и јас бев сведок. Затоа препорачувам:
Кај “Св. Еразмо” да не се вози со голема брзина, туку полека и со молба кон Чудотворецот за добар и среќен пат! – ни рече гоподинот Никола Тулески на 21 јуни 2016 година.