Новата црква во „Св. Еразмо“ не беше живописана. Ме викна Иљо Зимбо и попот Климе Џепар. Им велам дека не е можно да се живописува на ѕидот од големата влага. Излез беше фреската да се изработи на дрвена подлога и да се монтира на ѕидот.

Изработката на фреската ми беше поверена во есента на 1976 година. Најтешко ми е да се пазарам за црква. Им реков да ми дадат само да се покријат трошоците за материјалот, а не и за делото. Други им барале тројно повеќе.

На фреската работев интензивно од есента на 1976 година до април 1977 година. На неа се 9 численици: св. Климент, св. Наум, св. Еразмо и шестмина од старите. Ја монтирав фреската при крајот на април 1977 година. Пак Зимбо и поп Џепар ме прашуваат, покрај даденото за материјалот, уште колку да ми доплатат.

– Сега, во мај, на возрасни години, одам во војска. Барањето мое е: свети Еразмо да ме дочува таму и здрав и жив да се вратам! – им велам.

И ме дочува св. Еразмо. Служев на Дедиње (Белград). На 13 април 1978 година имавме изложување на возниот парк. На враќање со кампањолата со приколка, како старешина, сум последен со возачот на камњолата. Кога дојдовме на угорницата пред рампата на гаражите, на возачот му велам дека ќе слезам да ја кренам рампата. Од почит кон мене како старешина и тој слегува, а не ја кренал рачната кочница.

За миг се свртувам. Гледам страшна глетка: кампањолата оди надолу, а под патот е војничката менза, во која на ужина во 10:30 часот има полно војска. Ке стане катастрофа, а јас на воен суд.

Само велам:

Златен свети Размо, спасувај ме!

Во истиот момент од кривината се зададе војнички автобус само со возачот. Кампањолата удри во него и застана. Молњевито преку прозорец кампањолата ја ставив во некоја брзина за да испадне дека се работело за некоја техничка неисправност на возилото, а не за наша невнимателност.

Од сигурната несреќа ме спаси св. Еразмо, ми „плати“ за фреската во неговиот храм, ни рече г. Климе Нически на 12. 2. 2015 година.

Pin It on Pinterest